Одржана националната конференција „Македонски модел на Обединетите нации“

Одржана националната конференција „Македонски модел на Обединетите нации“

На 13 април 2019 година, Коалиција на младински организации СЕГА ја организираше осмата по ред Национална конференција „Македонски модел на Обединетите нации“ која се одржа во просториите на Европскиот универзитет во Скопје, со почеток од 10 часот, а траеше до 18 часот.

Во изминатиов период, Коалиција на младински организации СЕГА ја водеше програмата Македонскиот модел на Обединетите нациии каде што се одржаа низа активности како работилници, обуки и сесии заедно со клуб-координаторите на тимовите. Целта на програмата е  преку симулација на работата на вистинските Обединети нации да се зајакнат капацитетите на младите луѓе од Македонија во полето на застапување, лобирање, дипломатија, мирно решавање конфликти, јавно говорење и пишување. На конференцијата учествуваат околу 80 млади од Скопје, Кавадарци, Прилеп, Штип и Гевгелија кои беа во улога на делегати од повеќе земји-членки на Обединетите нации како: Египет, Украина, Германија, Русија, Франција, САД, Велика Британија, Индија, Јапонија, Северна Кореја, Кина, Грција, Италија и др.

Како главни говорници на отворањето на оваа конференција беа: Елена Лазова како генерален секретар на Македонскиот модел на ОН, Мариче Тренеска - претставник од Коалиција на младински оргнизации СЕГА и Самоил Крстевски - претставник од Европскиот универзитет.

На отворањето на церемонијата ги поздрави генералниот секретар, Елена Лазова, која истакна: „Почитувани делегати, многу ми е мило што ве има во толку голем број. Денес е денот кога ќе ѝ презентираме на јавноста што е тоа што ние го правевме во минатите месеци. Од вас очекувам да бидете активни и да го дадете најдоброто од себе.“

Потоа на делегатите им се обрати Мариче Тренеска, претставик на Коалиција СЕГА, која изјави: „Многу ми е мило што ве гледам во толку голем број млади ентузијасти со желба за знаење за функционирањето на моделот на ОН. Коалиција СЕГА активно се залага за развој и имплементација на младински политики на локално и национално ниво, ги поврзува и зајакнува младинските организации со цел активирање на младите и подобрување на условите за нивниот личен и професионален развој“.

На крај се обрати г-дин Самоил Крствски од Европскиот универзитет кој рече: „Добредојдовте на Европскиот универзитет во Скопје, се надевам дека денеска ќе уживате во работата на моделот на ОН, и како млади генерации кои доаѓаат ќе бидете наши студенти во иднина“.

Делегатите учествуваа во 6 комитети и тоа: Генерално собрание, Собрание на млади, УНИЦЕФ, Совет за човекови права, Советот за безбедност и Ентитетот за родова рамноправност познат како ОН жени. Во овие комитети делегатите водеа дебата каде што решаваа реален проблем со кој се соочуваат нивните земји и на крај мораа да донесат заедничко решение - резолуција.

На крај се одржа завршна церемонија каде што беа доделени сертификати за сите учесници на оваа конференција и беа прогласени: најдобар делегат, најдобар клуб координатор, најдобар тим и најдобар претседавач.

Коалиција на младински организации СЕГА изразува голема благодарност до нашите поддржувачи и спонзори: Европски универзитет - Скопје, Кожувчанка и Синалко - Кавадарци, пекара Џулијано и пекара Алекс - Прилеп и Ладна вода - Скопје.


Print   Email