Дали знаеш кои се надлежностите на Народниот правобранител?

Дали знаеш кои се надлежностите на Народниот правобранител?

Дали знаеш што претставува институцијата Народен правобранител?

Дали знаеш кои се неговите надлежности?

Знаеш ли пред кои органи надлежно постапува Народниот правобранител?

Сигурно некогаш си се соочил со ситуација кога дел од твоите основни човекови права биле повредени. И, најверојатно веднаш си помислил помош да побараш пред надлежните судови.

Треба да знаеш дека постои стручен, независен, посебен и специфичен орган во Република Македонија кој има овластување дадено со Уставот на Р.М. и законите да ги штити правата на граѓаните. Неговата специфичност се содржи во начинот на неговото дејствување и однесување, а методот на работа се состои од давање предлози, сугестии, совети, соработка, подучување и умешност да се сослуша човекот и правовремено да дејствува во насока за остварување на правата на граѓаните.

Повредите на твоите права можат да бидат од разни области извршени на разни начини и форми и тоа: намерно и ненамерно, бирократско, самоволно, недолично и нехумано однесување, непостапување по барање на граѓанин, недонесување акт, решение, заклучок, неиздавање уверение, потврда, мислење и сл., одолжување на постапка, нееднаков третман на граѓани, погрешно донесен акт, акт заснован на погрешна и непотполно утврдена фактичка состојба, акт заснован на погрешен материјален закон, повредена постапка и сите други намерни и ненамерни однесувања и постапувања со кои се повредуваат правата и слободите на граѓаните загарантирани со Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори и конвенции.

Народниот правобранител може да побара заштита на твоите права од областа на: пензиско и здравствено осигурување, здравствена заштита, работни односи, урбанизам и градежништво, имотно – правни односи, полициска постапка, недискриминација и соодветна и правична застапеност, јавни услуги и потрошувачки права, финасии, правосудство, социјални права, станбена област, образование, локална самоуправа, заштита на животна средина, детска заштита, царинско работење, одбрана, наука, спорт и култура, казнено-поправни установи и сл.

Во случај на повреда на твоите права, треба да знаеш дека Народниот правобранител, може да бара заштита на твоето повредено право пред следните органи/институции:

Владата на Република Македонија (служби, комисии, секретаријати), Министерства (органи во состав на министерствата: управи, инспекторати, фондови, заводи, бироа, агенции, служби, здравствени установи, образовни установи, центри за социјални работи и сл.; подрачни единици).

Важно е да знаеш дека Народниот правобранител не постапува по предмети за кои е во тек судска постапка, освен во случај на неоправдано одложување на судските постапки или несовесно и неодговорно вршење на работите на судските служби.

За да поведеш постапка за заштита на твоите уставни и законски права, треба да поднесеш претставка  пред Народниот правобранител.

Претставката до Народниот правобранител, потребно е да содржи твои лични податоци, да ги содржи околностите, фактите и доказите врз кои се темели постапката и да има твој личен потпис на истата. Во неа треба да ги наведеш органот, организацијата, установата или лицето на кое се однесува претставката и да наведеш дали веќе имаш вложено правни средства и кои.


Print   Email