Што е тоа ПРАКТИКАНТСТВО ?

Што е тоа ПРАКТИКАНТСТВО ?

Што претставува практикантството и како да бидеш практикант?

Согласно со Законот за практикантство, „Практиканство” е работна активност којашто вклучува компонента на работа преку учење и здобивање на практични работни вештини, која се реализира во ограничен временски период, со цел стекнување на практично и професионално искуство, за да се подобри вработливоста и да се помогне преминот кон редовно вработување. Особно важно е да напоменеме дека под поимот „практикантството“ не се подразбира вршење на приправнички стаж, волонтерски стаж и пробна работа согласно со Законот за работните односи, како и обука, преквалификација и доквалификација согласно со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност.

Практикантската работа подрзабира ограничен период поминат на пракса на практикант кај одреден работодавач, при што практикант може да е секое физичко лице кое врши практикантска работа кај работодавач со цел да се стекне со практични знаења и вештини што ќе му помогнат да ја подобри вработливоста на пазарот на трудот кое е државјанин на Македонија и кое ги исполнува условите утврдени со овој закон, додека работодавач подразбира правно или физичко лице, како и друг субјект (орган на државна власт, орган на единица на локалната самоуправа, подружница на странско друштво, дипломатско и конзуларно претставништво), кој вработува работници врз основа на договор за вработување. Важна улога во практиканството игра менторот – лице вработено кај работодавачот кое е задолжено за организирање на практикантската работа и следење на напредокот на практикантот и кое го осигура остварувањето на целите за учење за време на практикантската работа.

Периодот на траење на практикантска работа кај еден работодавач може да изнесува до шест месеци. Кај ист работодавач практикантска работа може да се врши само еднаш од исто лице.

Услови за вршење на практикантска работа Практикантот согласно со овој закон треба да ги исполнува следниве услови:

  • да не е во работен однос,
  • да не е постар од 34 години и
  • да има завршено најмалку основно образование.

Висината на месечниот надоместок се утврдува во нето износ за полно работно време во зависност од времетраењето на периодот на практикантската работа и тоа:

  • од 42% до 74% од минималната нето плата, утврдена согласно со закон, за практикантска работа до три месеци и
  • во висина на минималната нето плата утврдена согласно со закон, за практикантската работа над три месеци, сметано од четвртиот месец.

Односите, правата и обврските помеѓу практикантот и работодавачот се регулираат со договор за практикантска работа. Работодавачот е должен да го склучи договорот за практикантска работа со практикантот во писмена форма, кој треба да биде потпишан од двете страни, пред започнувањето на практикантската работа (договорот за практикантска работа за лице помладо од 18 години го потпишуваат практикантот, неговиот родител/старател и работодавачот). Договорот за практикантска работа може да биде потпишан на полно работно време или неполно работно време, согласно со потребите и волјата на договорните страни.

Искористувајќи ја активната мерка „Практикантство“ од АВРСМ или UNDP преку Коалиција СЕГА и ИНФО КЛУБОВИТЕ можеш да учествуваш и ти во практикантство.

За повеќе информации прочитајте во самиот Закон за практикантство : https://av.gov.mk/content/%D0%97%D0%B0%D0%BA%D0%BE%D0%BD%D0%B8/zakon.pdf

 


Print   Email