Права од примарна здравствена заштита

Права од примарна здравствена заштита

ИНФО НЕЕТ+ Hits: 1434

Секое осигурено лице, во согласност со Законот за здравствена заштита, ги има следните права од примарната здравствена заштита:

  1. Избор на лекар

Осигуреникот може да избере лекар вработен во здравствена установа која врши примарна здравствена заштита со цел остварување на некое од своите права, и тоа во следните дејности, без оглед на местото на живеење:

-        Општа медицина – избор на лекар можат да вршат сите осигурени лица;

-        Медицина на трудот – избор на лекар вршат работници и други осигурени лица, само доколку лекар од медицина на трудот врши дејност од општа медицина;

-        Педијатрија – изборот на лекарот го врши родителот/старателот на детето, а осигуреници се деца од 6-годишна до 14-годишна возраст;

-        Училишна медицина – изборот на лекарот го врши родителот/старателот на детето, а осигуреници се деца од училишна возраст (оние деца кои се школуваат надвор од местото на живеење имаат право да изберат лекар и во местото на живеење);

-        Гинекологија – изборот на лекар го вршат жени над 14-годишна возраст;

-        Стоматологија – изборот на лекар го вршат сите осигурени лица.

Изборот на лекар се врши со пополнување на изјава за избор на лекар на Образец ИЛ-1 (Пријава за избор/Промена на лекар).

Изјавата се пополнува во два примероци, од кои едниот останува во здравствениот картон на осигуреното лице кај избраниот лекар, а другиот примерок избраниот лекар го доставува до подрачната служба на Фондот за здравствено осигурување заради евиденција.Промената на избраниот лекар се врши со пополнување на нов образец ИЛ-1 како одјава за избор на лекар и нов образец ИЛ-1 како изјава за избор на лекар.Промена на избраниот лекар осигуреното лице може да врши најмногу до двапати во текот на една календарска година.Постапката за промена на избраниот лекар Фондот ја прави по службена должност во рок од 8 дена од денот на поднесување на обрасците.

  1. Домашно лекување

Домашното лекување се остварува кога не е неопходно болничко лекување и кога се работи за:

-        неподвижни или слабо подвижни болни;

-        хронична болест во фаза на влошување или компликации по сложени оперативни зафати кои бараат превивање и нега на раната;

-        продолжување на болничко лекување по предлог на болничката здравствена установа;

-        кај болни во терминална фаза на болеста.

Потребата од домашно лекување ја утврдува лекар специјалист од соодветната специјалност. Домашното лекување го спроведува избраниот лекар или медицинската сестра од тимот на избраниот лекар, односно специјализирана организациона единица за домашно лекување. Доколку избраниот лекар врши домашно лекување, здравствените услуги се сметаат како посебни услуги.

  1. Итна медицинска помош

Како итна медицинска помош се смета преземањето постапки неопходни за отстранување на непосредна опасност по животот и здравјето на осигуреното лице. Ова право се остварува без упат од избраниот лекар и тоа во најблиската здравствена установа која врши примарна здравствена заштита, односно во здравствена установа која има организирано служба за итна помош, според местото на живеење, односно според местото каде што се затекнало осигуреното лице во времето на потребата од итна медицинска помош. Итна медицинска помош се обезбедува и кога осигуреното лице не е во можност да го докаже својството на осигурено лице.Својството на осигурено лице се докажува по престанувањето на итноста.

  1. Патронажна посета

Патронажната посета се обезбедува за осигуреното лице по породувањето и за новороденото дете со цел зачувување и унапредување на нивното здравје, поради тоа што кај нив постои зголемен ризик од појава на болести.

  1. Превоз со санитетско возило

Се користи за итни случаи, како и за случаи кога повредениот – осигурено лице не може да користи превоз со јавниот сообраќај поради неподвижност или ограничена подвижност. Потребата за превоз со санитетско возило ја утврдува избраниот лекар, односно надлежниот лекар од соодветната болничка здравствена установа. Овој превоз се користи и при лекување во странство, по предлог на лекарската комисија за упатување на лекување во странство, односно надлежниот лекар во болничката здравствена установа во странство.

 

  1. Користење лекови

Ова право осигуреното лице го остварува врз основа на рецепт за препишување на лек. Лекови на рецепт препишува лекар доктор на медицина, односно стоматологија, кој има статус на избран лекар во примарната здравствена заштита. Осигуреното лице може да оствари право на лекови на товар на средствата на Фондот според Листата на лекови врз основа на рецепт и потврда за платен придонес за здравствено осигурување.

Print