Кои здравствени услуги можете да ги користите кога престојувате во странство?

Кои здравствени услуги можете да ги користите кога престојувате во странство?

Осигурените лица кои привремено престојуваат (приватно или службено, студиски престој, школување и стручно усовршување, престој во врска со меѓународна техничка, научна и културна соработка и сл.) во земји со кои Република Македонија има склучено меѓународен договор за социјално осигурување можат да користат здравствени услуги, како и бесплатна итна медицинска помош врз основа на потврда што ја издава подрачната служба на Фондот за здравствено осигурување на Македонија каде што е поднесена пријавата за задолжително здравствено осигурување.

По исклучок, потврдата не им се издава на осигурени лица за кои е утврдено дека боледуваат од акутни болести или акутни влошувања кај хронични болести.

Постапката за издавање на потврдата се поведува со поднесува барање – Образец ПП1 од страна на осигуреното лице.

Со барањето се доставуваат и следните документи:

– потврда за здравствената состојба, издадена од избраниот лекар и

– наод, оцена и мислење на лекарската комисија на Фондот.

По доставување на барањето, Фондот е должен да издаде двојазичен образец (потврда) за остварување на право на здравствено осигурување за време на привремен престој. Листата на двојазични обрасци е достапна  на интернет-страницата на Фондот. Осигурените лица врз основа на потврдите се изедначуваат со осигурените лица на земјата во која престојуваат, односно ги имаат истите права и обврски во случај на потреба од здравствени услуги.


Print   Email